Со гордост споделуваме дека во нашето училиште колешката м-р Силвана Ј. Бинова е избрана за наставник-советник, највисоко кариерно звање од Министерството за образование и наука.

Ова значајно признаение е резултат на долгогодишна посветеност, макотрпна работа и вложен труд низ годините со учениците. Во својата богата биографија колешката брои многу награди, признанија и дипломи од домашни и светки признати конкурси и организации. Таа е автор на бројни објавени научно-стручни трудови од областа на образованието, математиката и информатиката. Континуирано работи на унапредување на воспитно-образовниот процес, применувајќи современи наставни методи, иновативни пристапи и активности насочени кон развојот на учениците и поддршка на наставниот кадар.

М-р Силвана Ј. Бинова во нашето училиште, а и пошироко, е пионер во областа на учење со кодирање, работа со микробит и иновативност во секојдневната настава. Од редовен час подготвува учење со проблемски задачи, секој проект изработен со учениците е високо вреднуван, а учеството на натпревари го збогатува училиштето со високи награди и резултати.

Таа во изминатиот период од својата кариера работеше како наставник-ментор трасирајќи го патот на многу наставници- приправници кон вистиски вљубенци во образованието на идните генерации. Достапноста и нејзината љубов кон работата, потребата секогаш да сподели и помогне, да насочи и да отвори нови врати за сите нас од училиштето е само потврда за нејзината човечност, колегијалност и емпатичност. Личниот и професионалниот развој како приоритет го оформува и го гради преку низа обуки, семинари, работилници, на државно и меѓународно ниво. Ангажирана е како обучувач, тренер, амасадор и лидер во признати и акредитирани организации.

Звањето „наставник-советник“ претставува највисоко професионално достигнување во кариерата на еден просветен работник. Тоа се доделува врз основа на строги критериуми, успешна реализација на проекти, менторство, иновации и континуирани врвни резултати во работата. Оваа титула е потврда за висок професионален квалитет, лидерство и траен придонес во унапредувањето на образованието.

Ова достигнување не е само предизвик туку е и потврда на досегашните врвни резултати на колешката.

Упатуваме искрени честитки до нашaтa колешкa Силвана и ѝ посакуваме уште многу успеси во понатамошната работа.